Македонската фудбалска репрезентација ја очекува нов предизвик, утревечер ќе гостува кај Република Ирска на „Авива стадиум“ во Даблин, во натпревар кој доаѓа по разочарувањата на двете селекции. Селекторот Гоце Седлоски најави дека Македонија ќе се обиде да извлече поука од последниот натпревар и да покаже поинакво лице.
„Поразите болат, а овој беше на многу важен натпревар. Смирени и концентритани сме, момците кои се тука работат напорно и тоа што го тренираме треба да го пренесеме на терен. Ги анализираме грешките од натпреварот против Данска и тие фамозни десет минути кога ги примивме головите. Разговараме често, дишеме заедно и нема причина да не размислуваме позитивно. Ирците болни испаднаа во Прага и очекувам дека ќе реагираат. Скоро сите репрезентативци на Ирска играат во најсилната лига на светот. Наша цел е да парираме со посед, со комбинаторика и тоа ќе го барам и од моите фудбалери. Ќе изменам на некои позиции, но нема да биде тоа целосно нов тим. Се договоривме да има осум замени и ќе го изротирам ростерот. Од утре почнува она што ни е зацртано за во иднина“, рече Седлоски.
Селекторот потенцираше дека формата во клубовите ќе биде клучен фактор за повик во репрезентацијата и додаде дека никому не му е затворена вратата.
„Играчите кои настапуваат во клубовите имаат предност и во репрезентацијата. Кој игра за Македонија не игра за мене или за некој друг, игра за земјата. Секој си одговора за своите постапи и не се мешам во тоа. Никому вратата во репрезентацијата не му е затворена. Се одлучив за момците кои го понесоа товарот во квалификациите. Разговарав со Адеми и со Стефан Ристовски, како и со сите други потенцијални репрезентативци и никој не исклучувам за во иднина. Треба да се освежува репрезентација, но костурот ќе биде овој. Ако играат во клубовите, овие момци ќе бидат повикувани. Ќе гледаме и скенираме и во домашната лига и во младинските селекции и сигурно ќе освежиме во иднина“, изјави Седлоски.
Нашиот национален тим доживеа убедлив пораз од Данска во Копенхаген, додека Ирците беа елиминирани од Чешка по пенали, иако имаа предност од 0-2 во регуларниот тек. Тоа дополнително го прави дуелот непредвидлив и психолошки тежок за двете страни.