Во британските медиуми сè погласно се шпекулира дека Пеп Гвардиола би можел да ја заврши својата епизода во Манчестер Сити на крајот од актуелната сезона, а клубот веќе размислува за можните наследници на клупата.
Како што пренесува „Телеграф“, раководството на „граѓаните“ сериозно го разгледува името на Чаби Алонсо, доколку шпанскиот стратег одлучи да се повлече од „Етихад“. Иако Гвардиола има договор до 2027 година, во фудбалските кругови се зборува дека тој е подготвен за нов предизвик по завршувањето на сезоната.
Освен Алонсо, на потесната листа на кандидати се наоѓаат и поранешниот тренер на Челзи, Енцо Мареска, како и Цеск Фабрегас, кој со својата работа во Комо привлече големо внимание. Сепак, Гвардиола засега не открива ништо околу својата иднина.
Можното доаѓање на Чаби Алонсо во Манчестер Сити би предизвикало силни реакции кај навивачите на Ливерпул. Дел од нив со години го гледаат Алонсо како природен наследник на Арне Слот, очекувајќи дека една од легендите на клубот еден ден ќе седне на клупата на „Енфилд“.