Шкупи тоне во голема криза по седум кола има исто толку порази, а навивачката група „Шверцери“ по мечот со Македонија ЃП (0-2) на „Чаир“ како знак на протест им ги одзеде дресовите на играчите.
По натпреварот навивачката група реши да ја објасни својата одлука. Навивачите тврдат дека фудбалерите и вработените немаат примено плата од јануари, поради што заминале квалитетни играчи, а засилувањата не донеле квалитет. Главниот виновник, според нив, е претседателот Јасин Конџали, кој не се соочува со проблемите, како и тренерот Умит Шахин за кого велат дека нема авторитет.
„Од доаѓањето на овој спонзор минатата сезона се соочуваме со криза, а таа криза секој ден сè повеќе се продлабочува. Играчите и стручниот штаб немаат земено плата од јануари оваа година, и покрај сите лаги и ветувања од раководството на клубот дека долговите ќе бидат подмирени. Не случајно многу квалитетни играчи си заминаа од клубот, а дојдоа играчи кои „ја изгубиле патеката“ и немаат каде да одат.
Сепак, во овој случај најмалку вина имаат играчите и ние сме свесни за тоа. Вината е кај претседателот Јасин Конџали кој физички не доаѓа во државата за да се соочи со кризата во клубот, како и кај тренерот Умит Шахин кој кога е пред „Шверцерите“ не му се слуша гласот, а пред играчите се однесува како газда со закани дека со клубот прави што сака. Токму пред почетокот на сезоната баравме разрешување на овој автомеханичар кој ја извршува должноста тренер во нашиот тим, на што формално се согласи и претседателот, но како и за сè друго и овој пат излажа, па овој автомеханичар продолжува да работи во нашиот клуб. Резултат: 7 натпревари, 0 бода.
Соблекувањето на дресовите на нашите играчи по натпреварот нема врска со нив, туку со тој гест сакаме да испратиме порака до спонзорот што побрзо да го предаде клубот, а овој тренер не е добредојден во нашиот клуб. Кога тренерот ќе си замине, ние ќе ги вратиме дресовите во клубот“, стои во соопштението.
„Шверцери“ порачаа дека дресовите ќе бидат вратени кога Шахин ќе си замине, нагласувајќи дека веќе 36 години стојат зад клубот и ќе продолжат да се борат против „канцерогените структури“ кои го уништуваат.