Навивачот на Ливерпул, кој синоќа стана вирален откако успеа да го испровоцира Диего Симеоне, вели дека не употребил расистички навреди на адреса на тренерот на Атлетико Мадрид.
Ливерпул синоќа стигна до драматична победа над Атлетико Мадрид во првото коло во Лигата на шампиони, гостите се вратија од два гола негатива, но Ван Дајк реализираше во 92. минута за 3-2 и славје на Енфилд.
Голот донесе и тензија на клупата на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне влезе во конфронтација со еден навивач кој седеше зад него, па мораше да реагираат редарите за да не дојде до поголем инцидент.
Аргентинецот доби црвен картон за своето однесување, а на средбата со новинарите порача дека морал да реагира така поради навредите кои ги добил.
Попладнево на социјалните мрежи се огласи самиот навивач со цел да појасни дека немало навреди на расна основа.
„Сакам да расчистам една работа за тоа што се случи синоќа со Симеоне. Според мене, тој одигра малку кукавички. Кога се појави на прес-конференција и доби прашање дали станувало збор за расистички навреди, или поврзано со Фолкландската војна… Од моја страна, или било кој друг, немаше апсолутно ништо расистичко, ниту пак некој ја спомна Фолкландската војна“ – вели навивачот.
„Но фактот што му беше поставено прашањето, а тој не одговори, туку само стана и си замина, остави простор за светот да шпекулира“.
„Добив еден куп пораки, „Што му кажа?“. А јас не кажав ништо, освен што гестот (среден прст) и „Е*и се, победивме“, како и што правиме нормално. Па самите тие не провоцираа на ист начин кога изедначија“.