Тами Абрахам и
Фикајо Томори добија награда за нивните фантастични перформанси во дресот на
Челси со повик за националниот состав на Англија, во рамките на квалификациите
за Европското првенство 2020.
Деле Али, Кајли
Вокер и Џеси Лингард се изоставени од изборот на Саутгејт поради слабата форма
и лошиот старт на новата сезона за триото кое имаше импресивни изданија на
последното Светското првенство каде „Гордиот албион“ стигна до полуфиналето, а
заврши на четвртото место на тој турнир.
Томори и Абрахам
имаа доста забележителни изданија под кормилото на Лампард во воведните кола од
Премиерлигата, а Абрахам веќе забележа учинок од осум постигнати погодоци во
сите конкуренции.
За Томори ова е
прв сениорски повик на репрезентативно ниво, тој претходно настапуваше за
селекциите за фудбалери до 19,20, 21 година, а во меѓувреме, Абрахам се враќа
во составот на „Гордиот албион“ за прв пат од ноември 2017. година, кога
забележа настап на дуелите против Германија и Бразил на „Вембли“, а Саутгејт не
крие дека одлуката околу Абрахам била мошне лесна.
„Тоа беше доста
лесна одлука, тој веќе е лидер во поглед на постигнатите погодоци од страна на
англиските напаѓачи во Премиерлигата, ние го вметнавме во составот во период
кога правевме промени на тоа што беше од претходно“ рече селекторот на Англија
во пресрет на дуелите на гостински терен против Чешка идниот петок, односно
Бугарија три дена потоа.
Селекцијата на
Англија има максимален учинок од четири победи во групата „А“, но и меч помалку
од своите ривали во групата каде се уште и селекциите на Чешка, Косово, Црна
Гора и Бугарија.