Реал Мадрид повторно киксна на домашен терен и дозволи Хетафе да слави со 0-1 на својот „Сантијаго Бернабеу“ во Ла Лига. Ова за гостите е прв триумф на овој стадион по пауза од 18 години, а воедно и прва победа на тренерот Хосе Бордалас против мадридскиот гигант.
Решавачкиот момент се случи пред паузата. По продолжување со глава од Арамбари, Мартин Сатриани од работ на шеснаесетникот распали без двоумење и ја закова топката под гредата за водство на гостите.
Домаќините очекувано ја презедоа контролата, создадоа неколку закани преку Винисиус, Гулер и Родриго, но Сориа беше сигурен меѓу стативите. Најголемата можност за 1-1 ја имаше Родриго во 79 минута, кога неговиот удар беше запрен со врвна интервенција. Мечот донесе и контроверзи. Ридигер избегна санкција по груб старт врз Диего Рико, што предизвика реакции, а во финишот Франко Мастантуоно беше исклучен по приговор кон арбитерот. Во судиското продолжение и Лисо заработи втор жолт картон.
Со овој пораз, Реал останува четири бода зад Барселона, а во следната рунда го очекува гостување кај Селта.