Максимов дојде во Вардар во последните денови од преодниот рок, се мислеше дека тој ќе биде големо засилување за натпреварите од Лига Европа, но Тракаи го спори трансферот, па фудбалерот се уште не може да биде регистриран.
Сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко на денешната прес конференција ја појасни ситуацијата. Точно е тврдењето на Тракаи дека во договорот на фудбалерот нема откупна клаузула, но имало клаузула според која фудбалерот ако сака да си замине ќе мора да плати казна од 50.000 евра и така може да го раскине договорот.
„Ние се договоривме со Максимов, тој сакаше да дојде во Вардар, бевме предупредени од неговиот менаџер дека Тракаи може да го спори трансферот“ – вели Самсоненко.
„Во договорот на Максимов имаше клаузула според која ако тој сака да замине ќе мора на клубот да му плати 50.000 евра. Ние го пративме во Москва, тој му ја уплати сумата на Тракаи, но тие не сакаат да го раскинат договорот“.
„Најпрво им понудивме ние како клуб да им ги платиме тие 50.000 евра и плус им понудивме 15% од следниот трансфер на Максимов, но тие одбија“.
„Според договорот кој го имаше со Тракаи и уплатата на сумата тој е слободен играч. Се надеваме дека ФИФА брзо издаде сертификат за негова регистрација бидејќи Тракаи не сака да го направи тоа. Нема ништо спорно во случајот, правдата е на наша страна“.