Пол Погба повторно се појави на терен по долга пауза која беше последица од суспензија поради допинг и низа повреди кои го следеа во изминатиот период. Искусниот Французин ги одигра првите минути за Монако влегувајќи во самиот финиш од дуелот со Рен, натпревар во кој тимот од Кнежевството претрпе убедлив пораз со 4-1.
Неговото враќање е само првиот чекор и допрва ќе се види во каква состојба се наоѓа Погба, како и колку време ќе му биде потребно за да ја достигне формата што од него се очекува. По мечот, медиумите неминовно го поставија прашањето што го интересира целиот фудбалски свет, а тоа е дали поранешниот ас на Манчестер јунајтед се гледа на Светското првенство следното лето.
„Уште има многу работа. Морам да ја вратам формата за да му помогнам на тимот. Ако не играм добро во Монако, ќе морам да го заборавам Мундијалот.
Ова беше незаборавна ноќ. Враќањето на теренот по две години значи повеќе отколку што можам да изразам. Благодарен сум на сите кои ме поддржаа, а ова деби не беше само мое – туку на сите кои ми беа поддршка“, изјави Погба.