Поранешниот директор на Ливерпул, Кристијан Парслоу вели дека „црвените“ се сложиле да му дозволат на Мо Салах беспари да замине од „Енфилд“ откако сфатиле дека никој не сака да плати за напаѓачот од Египет.
Мо Салах овој месец изненади со објавата дека го напушта Ливерпул по крајот на сезоната.
И покрај тоа што е под договор до јуни 2027, „црвените“ нема да му прават проблеми и ќе му дадат одврзани раце да си најде нов клуб.
Многумина се прашуваат зошто Мо Салах ќе замине беспари, но како што вели Кристијан Парслоу, клубот од Енфилд се решил на еден ваков чекор откако сфатил дека никој нема да плати многу пари за ангажман на напаѓачот од Египет.
„По конфликтот со тренерот Слот и бомбастичното интервју, Ливерпул сигурно почнал да опипува терен како да излезе од комплицираната ситуација со Мо Салах“ – вели поранешниот директор на „црвените“.
„Веројатно сфатиле, можеби и неочекувано, дека всушност нема заинтересирани клубови кои би платиле големи пари за играч со само година дена до крајот на договорот“.
„Реалноста е следна: играч на возраст како Мо, со пад на формата и многу прашалници околу неговите партии (особено оваа сезона), кој заработува преку 300.000 фунти неделно, едноставно тешко е да се најде клуб каде што тој би ја добил истата плата, а притоа Ливерпул би заработил добро од негов трансфер“.
„Во врвниот фудбал, најважни се платата, возраста и профилот на играчот. Само мал број на суперѕвезди прават големи трансфери кога ќе наполнат 30 години“.
„Кристијано Роналдо беше еден од тие случаи, а многумина се надеваа дека и Салах ќе биде сличен пример, но очигледно тој не е Кристијано Роналдо“.
За потсетување, Кристијано Роналдо со 33 години направи трансфер од Реал Мадрид во Јувентус вреден преку 100 милиони евра.