Мохамед Салах вели дека вчера за последен пат играл против Манчестер Сити на Енфилд во нова порака до Ливерпул за неговата иднина, во меѓувреме медиумите шпекулираат дека Египјанецот веќе преговара со ПСЖ.
Мохамед Салах ја одработува последната година од договорот и минатата недела ги загрижи навивачите на Ливерпул со изјавата дека во моментов е поблиску до заминување, отколку до останување.
Тој во исто време се пожали дека се уште не добил предлог од Ливерпул за продолжување на соработката, па е разочаран од ова.
Напаѓачот вчера ги предводеше „црвените“ до триумф од 2-0 над Манчестер Сити, и по крајот на натпреварот испрати нова порака.
„Искрено, така гледам на работите, за последен пат играм против Манчестер Сити на Енфилд, па затоа сакав да уживам што е можно повеќе“ – вели Египјанецот.
„Атмосферата беше неверојатна, па ќе уживам во секоја секунда помината тука. Се надевам дека ќе ја освоиме Премиерлигата, па ќе видиме што ќе се случи потоа“.
За атмосферата на Енфилд, тој додаде: „Навистина е специјална, нема никогаш да ја заборавам, уживам во секоја минута помината тука, се чувствувам како дома. Чувството е специјално секогаш кога ќе постигнам гол на Енфилд и кога победуваме. Навивачите се зад нас и ни даваат поддршка од првата минута“.
Во меѓувреме, Л’Екип објави дека ПСЖ води преговори со Мохамед Салах за трансфер во Париз, весникот пишува дека двете страни подолго време се во контакт и Египјанецот ја отворил вратата за една ваква зделка.