Русија е меѓу осумте најдобри, фаворизираната Шпанија е елиминирана. Домаќинот одигра непопуларен, дефанзивен фудбал, но целта овој пат и тоа како ги оправдува средствата.
Шпанија која го замени селекторот на два дена пред почетокот на Светското првенство рано ги пакува куферите. Нивната цел беше трофејот, но разочарани ќе ја напуштат Русија не успевајќи да се пласираат ниту меѓу осумте најдобри.
Почетокот на мечот ветуваше голови и поинаков фудбал. Резултатот беше отворен уште во 12. минута кога Игнашевич си постигна несреќен автогол.
Русија изедначи од пенал во 41. минута, Пике играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка, а Ѕјуба погоди за израмнување на 1-1.
Во продолжението од мечот, Русија играше дефанзивно, се бранеше, а Шпанија се обидуваше да пробие и да создаде шанса, но тешко им одеше.
Натпреварот заврши 1-1 во регуларниот тек, па се премина кон две продолженија од по 15 минути, но и во тие не се промени ништо, пеналите за прв пат на ова Светско првенство решаваа.
Нив подобро ги изведе Русија, Акинфеев ги одбрани ударите на Коке и Аспас, Де Геа не успеа ништо да фати, на крајот домаќинот се радуваше на голема победа и пласман во четвртфиналето каде што ќе игра со подобриот од Хрватска и Данска.