Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош денеска го објави составот, а во него го нема Кристијано Роналдо кој во моментов е во центарот на вниманието поради обвинувањата на Американката Кетрин Мајорга за силување.
Според информациите од Португалија, Роналдо заедно со селекторот Сантош и претседателот на Португалската фудбалска федерација, Фернандо Гомеш одлучиле дека е најдобро тој да не биде дел од составот во октомври и ноември.
Не се знае со сигурност дали отсуството на Роналдо е поврзано со случајот за силување, но се претпоставува дека е така.
Роналдо ги пропушти и претходните два меча на Португалија кои се играа во септември. Тогаш со изговор дека сака да се прилагоди на Јувентус во кој дојде за 100 милиони евра од Реал Мадрид.
На денешната прес конференција, селекторот Сантош изјави дека Роналдо останува верен на репрезентација и во иднина ништо нема да го спречи од играње за националниот тим.
Роналдо сега се справува и со нефудбалски проблеми откако Американката, Кетрин Мајорга реши да го обвини за силување кое наводно се случило во хотелска соба во Лас Вегас во 2009 година.
Се шпекулира дека Роналдо во минатото и исплатил сума од 350.000 евра со цел да молчи за целиот случај.
Полицијата во Лас Вегас потврди дека повторно отвара истрага за истиот случај
Роналдо синоќа излезе со соопштение во кое ги негира обвинувањата за силување.
„Категорично ги отфрлам обвинувањата изнесени кон мене. Силување е грозен криминал кој се коси со се она што сум јас и во што верувам. Без разлика колку и да сум желен за што побрзо да си го обелам образот, одбивам да долевам масло во оганот и овој медиумски спектакл креиран од луѓе кои сакаат да се промовираат на моја сметка. Имам чиста совест која ми овозможува со смиреност да ги чекам резултатите од сите истраги“, гласеше пораката на Кристијано Роналдо на социјалните мрежи.