И понатаму тема во јавноста е посетата на Кристијано Роналдо на „Белата Куќа“ каде што имаше средба со претседателот Доналд Трамп, а медиумите сега пренесуваат дека Португалецот си заминал со посебен подарок кој можат да го добијат само највлијателнитее гости на американскиот претседател.
Имено, Роналдо добил клуч со претседателски печат со изгравиран натпис: „Клуч од Белата куќа“, привилегија што Доналд Трамп ја дава само за најугледните гости.
„Ви благодарам, господине претседателе, за поканата и топлото добредојде што ми го укажавте на мене и мојата партнерка. Секој од нас има нешто важно да понуди, а јас сум подготвен да придонесам за да ги инспирираме новите генерации да градат иднина исполнета со храброст, одговорност и траен мир“, напиша Роналдо по посетата.
Роналдо својата желба да се сретне со Трамп ја изрази и претходно во гостувањето кај новинарот Пирс Морган.
„Тој е меѓу оние луѓе што можат да го сменат или помогнат да се смени светот. Мојата цел е да го запознаам Трамп и да разговараме за мировни иницијативи. Ако тоа може да се оствари, би сакал да седнам со него“, рече Роналдо.
Сега таа средба и се оствари, а многу е извесно дека во 2026 година повторно ќе стапне на американско тло, кога САД заедно со Мексико и Канада ќе бидат домаќини на Светското првенство.