Се поизвесно е
дека наградата за најдобар фудбалер во светот ќе заврши во рацете на фудбалерот
на европскиот првак, Реал Мадрид, Лука Модриќ, а на гала вечерта организирана
од Светската фудбалска организација – ФИФА, нема да присуствува еден од
номинираните, Кристијано Роналдо.
Од Јувентус ги
потврдија шпекулациите низ јавноста дека првата ѕвезда на таа екипа, Роналдо
нема да има присуство на церемонијата, а како причина за тоа го истакнаа
густиот распоред во кој се наоѓа тимот од Торино, кој нема да има ниту еден
претставник на тој настан.
„Нема да има ниту
еден претставник од Јувентус на тој настан бидејќи времето е прекратко од
синоќешното враќање во Торино, а следи натпревар во среда, а веднаш потоа и во
сабота. Јувентус се заблагодарува на поканата, но, не може да возврати со
присуство“ рече Енрика Тархи, првиот човек за односи со јавност во
италијанскиот првак.
Церемонијата
организирана од страна на ФИФА за доделување на наградата „The Best“ ќе се одржи вечерва, а истата се однесува
за најдобриот фудбалер на светот во 2017. година во која номинирани се Лука
Модриќ, Кристијано Роналдо и Мохамед Салах.