Кристијано Роналдо повторно покажа колку го цени трудот, дисциплината и посветеноста, овојпат во разговор со Пирс Морган каде зборуваше за спортските легенди кои го инспирираат. Португалецот откри дека се восхитува на атлети кои, и покрај годините, остануваат на највисоко ниво, а меѓу нив посебно место има Новак Ѓоковиќ.
„Постојат добри примери и во други спортови. На пример, Леброн Џејмс сè уште игра и во одлична е форма. Исто така и Лука Модриќ, изгледа фантастично“, изјави Роналдо, додавајќи дека токму вакви спортисти му даваат мотивација да продолжи да се докажува и во поодминати години.
Посебно се осврна на најдобриот српски тенисер, потенцирајќи дека му значат неговите зборови и поддршка.
„Ѓоковиќ е одличен пример за големина во спортот. Убаво е кога луѓе од други спортови зборуваат убаво за тебе тоа многу значи. Ми е драго поради неговите зборови“, рече Роналдо.
Двајцата асови повеќепати меѓусебно изразиле почит, а нивниот однос станува пример за професионализам и трајна мотивација на врвното ниво.