Бразилската фудбалска легенда Роналдињо наскоро би можел да започне ново поглавје надвор од терените, откако според последните информации планира да лансира сопствена музичка издавачка куќа, со прв голем проект инспириран од Светското првенство ова лето.
Поранешниот освојувач на Мундијалот во 2002 година, кој остави неизбришлива трага во фудбалот, сега има амбиции да се докаже и во музичката индустрија. Како што се најавува, седиштето на новата компанија ќе биде во Мајами, со цел да се поврзат различни култури и пазари на едно место.
Роналдињо истакнува дека ваквиот чекор е природен продолжеток на неговата долгогодишна љубов кон музиката и ритамот, кои биле составен дел од неговиот живот.
„Музиката секогаш била голем дел од мојот живот. Ме следеше во најважните моменти, како на теренот, така и надвор од него. Сега таа енергија сакам да ја пренесам секаде, да ги спојувам културите и да создадам можности за уметници од целиот свет“, изјави бразилскиот ас.
Првиот голем проект на издавачката куќа ќе биде албум инспириран од Светското првенство, со цел да ја долови атмосферата и глобалната еуфорија што традиционално го следи турнирот, кој оваа година ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули.