Сопственикот на романскиот фудбалски клуб ФКУ Крајова, Адриан Митителу (57), влезе во жесток судир со Фудбалската федерација на Романија (ФРФ) и цврсто одбива да ги почитува нејзините одлуки. Таквиот став може да го чини неговиот клуб целосно исфрлање од сите домашни натпреварувања, пишува „Голазо.ро“.
Крајова веќе беше исфрлена од втора во трета лига поради проблеми со лиценцирањето, а кризата сега станува сè подлабока. Митителу и натаму ги игнорира пресудите на Дисциплинската и етичката комисија при ФРФ, а казните постојано се зголемуваат. Романските медиуми наведуваат дека станува збор за најтешката санкција во историјата на тамошниот фудбал. Имено, во средата (20 август), комисијата изрече ново големо одземање бодови, со што клубот стигна до неверојатни 94 одземени бодови..
ФКУ Крајова доби и нов ултиматум и до 3 септември 2025 година до 15 часот, мора да достави доказ дека ги има исплатено своите поранешни тренери и фудбалери, доколку сака да избегне дополнителни санкции и исфрлање од сите натпреварувања.
Во изминатите месеци клубот беше постојано казнуван со одземање бодови поради долгови кон играчи, тренери и официјални лица. Според правилникот, на секои 15 дена доцнење со исплата се одземаат по два бода и сето тоа го доведе клубот во ваква ситуација.
Како што дознава „Голазо.ро“, конечната одлука за целосно исфрлање на тимот би можела да биде донесена на 25 септември. Новата сезона во третата лига стартува на 30 август, а Крајова во првото коло на домашен терен ќе ја пречека екипата на АЦС Академика Балш.