Пред македонските фудбалери се пријателските мечеви против Словенија и Казахстан кои се дел од подготовките за настапот на Европското првенство. На овие мечеви конечно ќе има и публика.
„Одамна не сме виделе публика. Македонија заслужи да нѐ гледа после толку долга пауза. Посакувам една преубава вечер“, вели Стефан Ристовски.
„Ова е еден меч во кој треба да ја видиме нашата форма. Словенија е добра селекција, има одличен селектор и добро ќе ни дојде овој меч како подготовка за ЕП“.
Првиот противник на ЕП ни е Австрија која пред точно две години не победи во Скопје со 4-1. Но оттогаш резултатите на Македонија се во нагорна линија, а Австријците не блескаат како на тој меч.
„Таков е фудбалот, затоа е интересен спорт, има изненадувања. Кога Австрија нѐ победи во Скопје, тоа беше голема лекција за нас. Ние од тогаш дојдовме до пласман на ЕП, ја победивме Германија, сега имаме поголема самодоверба. Но, до Австрија има уште доста време. Тогаш бурно изреагирав, зашто ми беше криво да одиграме таков меч дома, но извлековме многу поуки од тој меч и потоа Македонија продолжи по својата цел“.