Динамо Загреб оствари нов одличен резултат во Лигата на шампиони и славеше со 1-4 на гостувањето кај Слован Братислава, Жирона загуби убедливо со 4-0 во Ајндховен од ПСВ.
Динамо Загреб беше декласиран од Баерн со 9-2 на отварањето во Лигата на шампиони, но „модрите“ потоа влегоа во серија на добри партии, вечерва забележа нова победа и славеа со 1-4 против Слован Братислава.
Домаќините поведоа по само пет минути игра преку Стрелец, но Шпикиќ веднаш одговори а по половина час игра, Сучиќ реализираше со глава за 1-2.
По десетина минути игра во вториот дел, Куленовиќ зголеми на 1-3, а истиот фудбалер во 72. минута ги постави конечните 1-4.
Стефан Ристовски беше стартер и го одигра целиот натпревар, додека пак Аријан Адеми влезе од клупата за резерви во 64. минута.
На натпреварите од 18:45 часот свој настап имаше и Бојан Миовски, кој се опорави од повредата и беше стартер за Жирона во Ајнховен против ПСВ.
Македонецот имаше убава шанса да го отвори резултат на стартот од мечот, но од само неколку метри ја погоди стативата.
ПСВ потоа поведе преку Фламинго а Тилман зголеми на 2-0, резултат кој гласеше по првите 45 минути.
На стартот од вториот дел, Мартинез заработи втор жолт картон и Жирона остана со фудбалер помалку, па домаќините постигнаа уште два гола до крајот. Бакајоко прво зголеми на 3-0 во 83. минута, а Крејчи си постигна автогол во 88. минута за конечни 4-0.