Фудбалерите на Велс со доста мака славеа на гостувањето кај аутсајдерот Лихтенштајн (0-1) во Вадуц во претпоследното коло од квалификациите за Светското првенство.
Домаќинот одигра навистина храбро, се бранеше гранитно и прими само еден гол. Човек на одлука беше Џордан Џејмс кој го даде единствениот гол во 62. минута од средбата.
Овој резултат беше идеален за Македонија, бидејќи нам ни беше потребно Велшаните да не победат со шест гола разлика против Лихтенштајн. Тоа значи дека на клучниот меч во Кардиф ќе ни одговара и реми, иако имаме ист број бодови со Велшаните.
Македонија има далеку подобра гол-разлика и со нерешено во Кардиф ќе биде второпласирана во групата.
Место на Светското првенство веќе си обезбеди Австрија со победа над Кипар (2-0), а на останатите терени победи забележаа Турција против Бугарија (2-0) и Шпанија во Грузија (0-4).