Репрезентативецот на Габон, Арон Бопенза, трагично го загуби животот на 28-годишна возраст откако паднал од 11-ти кат на станбена зграда во Кина, каде што настапуваше за клубот Џеџијанг од кинеската Супер лига. Кинеските власти покренаа истрага поради сомнителната природа на настанот. Полицијата разгледува три можни сценарија: самоубиство, несреќен случај или убиство.
Познато е дека братот на Бопенза бил присутен во станот во моментот на инцидентот, и се шпекулира дека меѓу нив имало расправија. Истражителите испитуваат дали расправијата можеби довела до тоа Бопенза да биде турнат. Се очекува неговиот брат да биде испрашан или приведен како дел од истрагата.
Бопенза го пропуштил последниот тренинг на тимот истиот ден, без да даде причина за тоа, а од клубот изјавиле дека не можеле да воспостават контакт со него пред да ја добијат трагичната вест.
Овој 28-годишен напаѓач од Габон се истакна додека играше за турскиот Хатајспор, каде во сезоната 2020/21 постигна 22 голови на 36 натпревари, станувајќи најдобар стрелец во турската Супер лига.
Во текот на кариерата, играше и за Бордо, Ајачио, Фаренсе, Ал Араби, Ал Шабаб, Синсинати, Рапид Букурешт, а последно за кинескиот Џеџијанг.