Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Хоселу го знае рецептот за успех на „кралевите“ против Арсенал, вели дека е потребен еден ран гол во мрежата на „топчиите“ и потоа публиката и „Бернабеу“ ќе ја завршат работата.
Реал Мадрид утре го пречекува Арсенал и домаќините се подготвуваат за ново чудо во Лигата на шампиони, овој пат да се вратат од пораз од 3-0.
Хоселу, кој со два доцни гола го елиминираше Баерн Минхен минатата сезона, го кажа рецептот за успех против „топчиите“.
„Првата работа која Реал Мадрид треба да ја направи е да постигне гол што е можно побрзо. Потоа „Бернабеу“ ќе ја заврши работата“ – вели напаѓачот, кој сега настапува во Катар.
„Не е важно кој ќе се запише во листата на стрелци, најважно е да се обезбеди пласман во полуфинале. Како што кажав, треба само рано да се даде гол против Арсенал, и потоа на сцена ќе настапи „Бернабеу“, како што тоа го има правено многу пати во минатото“.
„Верувам во кам-бек. Ако има клуб кој може да направи чудо, тоа е Реал Мадрид“.