Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Реал Мадрид нема намера на Винисиус Жуниор да му ја даде платата што ја бара, „кралевите“ дури се подготвени да дозволат тој беспари да го напушти клубот во 2027 година.
Реал Мадрид и Винисиус Жуниор влегоа во ќор сокак во преговорите за нов договор, проблем е желбата на Бразилецот да биде најплатен во тимот.
„Кралевите“ не помислуваат да му ја исполнат оваа желба, инсистираат дека структурата на плати мора да остане онаква каква што е сега и на врвот на списокот да биде Килијан Мбапе.
Во моментов се е стопирано и двете страни ќе седнат на нова рунда разговори за неколку месеци, големи се шансите сериозни преговори да се водат дури следното лето и сите опции се во игра.
Доколку Винисиус Жуниор не прифати плата во склоп на параметрите кои ги поставиле Флорентино Перез и неговите соработници, ќе се бара купец.
Како што пренесува Ел Чирингито, Реал Мадрид дури е подготвен и за драстичен потег, односно да му дозволи на Бразилецот беспари да замине летото во 2027 година, но во никој случај нема да го направат најплатен во тимот.
Останува да се види дали двете страни ќе најдат некаков компромис.