Реал Мадрид продолжува со офанзивен пристап во случајот „Негреира“ и нема намера да се повлече додека целосно не се расчисти скандалот што со години ја тресе Барселона. Шпанскиот весник „АС“ објави истрага за наводното потплаќање на судии, а од Мадрид најавуваат сериозен правен притисок врз каталонскиот клуб.
„Кралскиот клуб“ инсистира на целосна ревизија на финансиската документација на Барселона за периодот од 2001 до 2018 година, со цел да се утврди каде завршувале клупските средства и под кои услови биле исплаќани. Според Реал, токму тие трансакции се клучни за расветлување на улогата на Хозе Марија Енрике Негреира.
Освен тоа, Реал Мадрид подготвува и тужба за милионска отштета, сметајќи дека со години претрпел директна штета и загуби поради дејствијата поврзани со овој случај.
Скандалот се темели на исплати во вкупен износ од 8,4 милиони евра кои Барселона ги префрлала кон фирми поврзани со Негреира и неговиот син, во време кога тој бил потпретседател на Техничкиот комитет на судии. Според обвиненијата, за возврат клубот добивал анализи и извештаи поврзани со судењето, што дополнително ја продлабочува тежината на случајот.