Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, смета дека поразот од Реал Мадрид е премногу висок ако се земе предвид играта на неговиот тим на „Сантијаго Бернабе“.
Англискиот состав загуби со 3-0 во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите, а клучен момент беше извонредното прво полувреме на Федерико Валверде, кој постигна три гола. Во продолжението од средбата Винисиус Жуниор не успеа да реализира удар од белата точка.
Гвардиола по натпреварот истакна дека резултатот изгледа многу полошо од тоа што неговата екипа го прикажала на теренот, но нагласи дека двомечот сè уште не е завршен.
„Резултатот е катастрофален, но сепак има уште 90 минути. Во првото полувреме противникот три пати дојде до нашиот гол и постигна три гола благодарение на својата класа. Реал секогаш игра опасно во контранапад. Нашата игра не беше толку лоша како што покажува резултатот. Ќе се обидеме да создадеме добра динамика во реваншот“, изјави шпанскиот стратег.
Инаку, ова не е првпат тимот од Манчестер да се соочи со елиминација од мадридскиот гигант, бидејќи и во претходните две сезони Реал Мадрид беше кобен за „граѓаните“ во најелитното европско натпреварување. Овојпат, сепак, се очекуваше порамноправен дуел, особено поради проблемите со повреди во редовите на шпанскиот клуб и отсуството на неколку важни фудбалери.