Рајола ја кажува својата верзија: Милан му се закануваше на Донарума и го изгуби

by
2 минути читање

Агентот на Донарума, Мино Рајола од својата кујна одржа прес за италијанските медиуми по повод пропаѓањето на преговорите помеѓу неговиот клиент и Милан.

„Ситуацијата стана премногу насилна и непријателска, па немаше друг начин како да заврши“ – изјави Рајола кој е познат по тоа што со валкани игри знае да изнуди мега трансфери на своите клиенти и да обезбеди мега заработки и за себе и за нив.

„Донесовме одлука која не сакавме да ја донесеме и таа нема врска со пари. Трпевме закани. Се закануваа и на Донарума и на неговата фамилија, со тоа дека нема да игра повеќе, дури и со смрт. Не можете да задржите фудбалер ако му се заканувате да потпише нов договор“.

„Сега постои голем ризик тој да пропушти една година. Тоа веројатно го прави неговиот огромен квалитет, но ова е веќе на работ на малтретирање“.

„Ние во ниту еден момент не дојдовме до ситуација да зборуваме за пари или откупна клаузула, бидејќи не ни беше дозволено да дојдеме до толку далеку, ниту да размислиме што беше најдобро за Џиџо“.

„Тој беше подготвен да потпише нов договор, немаше сомнежи во неговите мисли. Но тие не примораа да ги прекинеме преговорите поради амбиентот кој го креираа“.

„Јас ја превземам одговорноста. Тие не примораа да го направиме ова. Милан е тој кој го загуби Донарума. Тој ми рече: „Мино, не мислам дека е правилно да ги продолжиме преговорите кога овие луѓе ја навредуваат и се закануваат на мојата фамилија и на мене““.

„Пример имаше транспарент пред седиштето на клубот. Клубот требаше да го заштити фудбалерот и да го тргне транспарентот. Клубот треба да му даде поддршка на играчот и да го поттикне во својата кариера, а не да му се заканува дека ќе го остави на трибини“.

Рајола негира дека зад одбивањето на Милан се крие трансфер во друг голем клуб, Донарума се поврзува со Реал Мадрид, Јувентус и ПСЖ.

„Не сум зборувал со ниту еден голем клуб. Немаме никаков договор со друг клуб. Тој веќе имал понуди од Јувентус, Реал Мадрид и други големи клубови, сите го сакаа уште кога имаше 14 години, па ако сакаше да замине, можеше да си отиде и претходно. Можам да ве уверам дека нема да има веднаш трансфер“.

„Јас веќе гарантирав дека тој нема да замине како слободен играч, па немаше потреба да се брза со потпишувањето на договорот. Сакав само постепен пристап“.

„Не се согласувам со (спортскиот директор) Мирабељи. Ние сме на сосема спротивни бранови должини. Она што тој го прави е блиску до малтретирање“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани