Работнички се надева дека во Куманово ќе ја прекине низата без победа, Струга игра со Арсими

by riste
2 минути читање

Денеска со почеток од 13 часот се играат два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Работнички му гостува на Башкими, а Струга го пречекува Арсими крај Охридското езеро.

Работнички е еден од најлошите тимови во првата третина од сезоната, веќе седум натпревари по ред не знаат за победа и се наоѓаат на претпоследната позиција на табелата.

„Не сме во најдобар момент и никако не успеваме да фатиме стабилност и да одиграме неколку добри натпревари во низа. Бодовното салдо е многу скромно и затоа Работнички размислува да освои три бода на секој нареден натпревар. Сите се надеваме дека ова гостување во Куманово и дуелот со Башкими може да биде пресвртница“, изјави фудбалерот од средниот ред на Работнички, Теодор Николовски.

Но, сметките на Башкими се поинакви, кумановскиот тим има за цел да ги освои трите бода иако Адис Мурати вели дека Работнички е најопасен кога е во криза.

„На прв поглед, натпреварот изгледа лесен, но Работнички е најопасен кога е во криза. Ние сме мотивирани и сакаме што побрзо да го заборавиме поразот од ФК Арсими. Играме во Куманово, на нашиот стадион, што го гледам само како олеснување и дополнителен мотив, а никако како комодитет. Трите бода против Работнички се императив за да бидеме помирни во продолжението на првенството“, изјави меѓу другото Адис Мурати.

На вториот денешен натпревар Струга го пречекува Арсими и со победа денеска ќе се врати на чело на табелата.

„За секој натпревар се подготвуваме максимално и со голема сериозност, без разлика на противникот. Знаеме дека во првенството нема лесни натпревари, па така и за овој меч сме подготвени добро и верувам дека ќе дадеме сè од себе за да ги освоиме трите бода. Ние сме целосно фокусирани да прикажеме добра игра на секој натпревар и да играме убав и офанзивен фудбал. Тоа досега даде позитивни резултати, па верувам дека ќе продолжиме да постигнуваме што повеќе голови и на секој следен натпревар, вклучувајќи го и денешниот против Арсими“, изјави капитенот Буњамин Шабани.

Арсими во овој меч ќе влезе по победа над Башкими која ја зголеми самодовербата на фудбалерите, па се надеваат на изненадување во Струга.

„Одигравме многу добар натпревар. Почнавме со висок интензитет и ја контролиравме играта до крај. Сакам да им честитам на сите момци за посветеноста и тимскиот дух кој го покажавме. Сега противник го имаме фаворитот Струга и тоа ќе биде сериозен тест за нас, но сме мотивирани и максимално подготвени. Имаме почит кон противникот, но веруваме во нашите квалитети и ќе излеземе на терен со цел да стигнеме до позитивен резултат против Струга“, изјави фудбалерот на Арсими, Албин Рамадани.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×