Адриен Рабио се огласи на социјалните мрежи за да се пожали дека пеналот на Никлас Филкруг требал да биде поновен, но очигледно Французинот не ги знае правилата.
Милан вчера добро се намачи на гостувањето кај Пиза, Лука Модриќ со гол во финишот донесе победа од 1-2 и држење на чекорот со лидерот Интер.
„Росонерите“ можеа и предвреме да ги осигураат трите бода, но на стартот од вториот дел Никлас Филкруг промаши пенал.
Овој момент беше контроверзен откако еден фудбалер на Пиза (фудбалерот од средниот ред Ангори) порано влезе во шеснаесетникот, а се чини и дека голманот Николас не стоеше на линијата барем со едната нога.
Истото ова го посочи и Адриен Рабио по крајот на натпреварот со својата објава на социјалните мрежи, но Французинот очигледно не ги знае правилата.

Според правилата, пеналот ќе беше повторен доколку Ангори активно се вклучеше во акцијата, односно прв играше по одбиената топка.
Што се однесува до голманот Николас, доколку тој го одбранеше ударот на Филкруг, тогаш пеналот ќе беше повторен.
Но со оглед на тоа дека Германецот ја погоди стативата, и топката заврши во гол-аут, нема доволно елементи за пеналот да биде повторен.