Откако минатото лето го напушти Париз Сен Жермен и без никаква оштета се пресели во Реал Мадрид, Килијан Мбапе (26) сега е во центарот на остар правен судир со својот поранешен клуб.
Францускиот напаѓач, кој во текот на седум сезони одигра 308 натпревари, постигна 256 голови и забележа 107 асистенции за ПСЖ, поднесе тужба со барање за исплата од 55 милиони евра заостанати плати и бонуси од минатата сезона.
Но, на рочиштето одржано во понеделникот пред Апелациониот суд во Париз, правниот тим на ПСЖ возврати со шокантна противтужба – клубот тврди дека не само што не му должи ништо на Мбапе, туку дека тој им должи 98 милиони евра.
Проблемот настанал околу наводен вербален договор постигнат во август 2023 година помеѓу Мбапе и претседателот Насер Ал-Келаифи, според кој фудбалерот требал да го продолжи договорот до 2025 година. Но, веќе во февруари, Мбапе официјално објави дека ќе го напушти клубот на крајот од сезоната, кога му истекува важечкиот договор.
Фото: PSG/X