Првиот гостински предизвик за Вардар оваа сезона е во Кавадарци

by riste
1 минути читање

Денеска со почеток од 17 часот Тиквеш го пречекува Вардар во меч од второто коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Вардар новата сезона ја отвори со убедлива победа над Пелистер, а Тиквеш ремизираше на домашен терен против Работнички.

Кавадаречкиот тим не покажа многу против Работнички во првото коло, а сега има шанса за подобра претстава против нивниот сосед Вардар.

„Вардар е една од најквалитетните екипи во домашниот шампионат во моментов и тоа го покажува долгата низа на мечеви без пораз. Освоениот Куп, настапот во Европа, сето тоа не е случајно. Вардар игра многу дисциплинирано и тоа за нас е дополнителен мотив да одиграме добар меч. Само доколку бидеме на највисоко ниво ќе дојдеме до посакуваниот резултат. Вардар заслужува огромен респект и е еден од главните кандидати за шампионската титула сезонава. Сепак, Тиквеш е тим кој никој не смее да го потцени, бидејќи имаме квалитет на секоја позиција. Атмосферата во тимот е одлична и очекувам квалитетен и неизвесен меч. Секако, се надевам на огромна поддршка од цело Кавадарци, за да можеме да дојдеме до посакуваниот резултат“, изјави голманот на Тиквеш, Христијан Стефковски за сајтот на ФФМ.

Во првото коло за Вардар блесна младиот Димитар Данев кој вели дека целта на црвено-црните се трите бода од Кавадарци.

„Секако дека не очекува тежок дуел. Сепак, Вардар е клуб кој секогаш и секаде оди на победа. Атмосферата во тимот е одлична по стартниот триумф против Пелистер и во Кавадарци одиме да ја потврдиме моменталната форма. Респект за домаќинот, Тиквеш е квалитетен тим, но ние сакаме да имаме три бода. Ќе дадеме сè од себе за да исполниме сè што ќе бара од нас тренерот Гоце Седлоски и подготвени сме да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Данев.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×