Првиот човек на судиите во Италија, Џанлука Роки го коментираше спорниот момент на вчерашниот натпревар помеѓу Интер и Јувентус, призна дека неговиот колега Федерико Ла Пена погрешил кога му покажал втор жолт картон на Пјере Калулу.
Интер по долго време победи на голем натпревар, синоќа со 3-2 го доби „Дербито на Италија“ против Јувентус.
Но триумфот остана во сенка на контроверзниот момент од финишот на првото полувреме, кога Пјере Калулу доби втор жолт картон и покрај тоа што неговиот контакт со Алесандро Бастони, ако воопшто постоеше, беше минимален.
Директорите на „старата дама“, Дамиен Комоли и Џорџо Кјелини, како и тренерот Лучано Спалети жестоко го нападнаа судијата Федерико Ла Пена по крајот на натпреварот, а не се штедеа и во изјавите за медиумите.
Се огласи и првиот човек на судиите во Италија, Џанлука Роки кој призна дека Јувентус бил оштетен.
„Жалиме за инцидентот, јасно е дека одлуката на Ла Пена е погрешна. Жалиме и за тоа што не можеше да употребиме ВАР и да ја коригираме“ – вели Џанлука Роки.
„Ла Пена е скршен од мака и имаме разбирање за него. Но морам да ја кажам вистината, тој не е единствениот кој погреши, вчера имавме очигледна ситуација на симулирање. Последна во долга низа, играчите постојано се обидуваат да ги измамат судиите“.