Првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас го обвини Реал Мадрид за валкани игри откако засилувањето од 60+ милиони евра, Франко Мастантуоно го доби дресот со број 30, а со тоа и регистрација во резервниот тим.
„Кралевите“ оваа недела го промовираа Франко Мастантуоно како ново засилување, трансферот беше договорен уште во јуни месец, но се чекаше Аргентинецот да наполни 18 години за да може да се комплетира зделката.
Тој го доби дресот со број 30, а тоа ќе значи и регистрација во резервниот тим, нешто што не му се допаѓа на првиот човек на Ла Лига, кој обвини за валкани игри.
„Кога веќе постојано го напаѓаат нашиот интегритет, ајде и јас ништо да кажам. Клубовите во првиот тим можат да регистрираат 25 фудбалери (за нив се резервирани броеви од 1 до 25). И сега, Реал Мадрид на Мастантуоно му го дава бројот 30, тоа значи дека ќе биде регистриран во резервниот тим, а всушност никогаш нема да заигра за резервниот тим“ – вели Хавиер Тебас.
„Па дали ова е спротив духот и интегритетот на натпреварувањето, бидејќи правилата велат 25 фудбалери? Јас мислам дека ова не е фер“.
Дресот со број 25 беше слободен за Франко Мастантуоно, но Реал Мадрид намерно не му го даде со цел да остави простор за уште едно засилување до крајот на преодниот рок доколку се укаже шанса на трансфер пазарот која не се одбива.
ФОТО: X/Real Madrid C.F.