Големиот скандал во Турција со обложување кој трае веќе некое време ја доживува својата кулминација, утринава се извршени нови апсења, овојпат на „најголемите ѕверки“.
Под сомневање за обложување на фудбалски натпревари, како дел од големата акција, утринава се приведени фудбалерите на Фенербахче и Галатасарај, Мерт Хакан Јанџаш и Метехан Балтачи. Приведен е и судијата Зорбај Кучук.
Голем број на професионални фудбалери од првите три лиги во Турција се осомничени за обложување и ќе сносат последици. А се постапува и против менаџери, судии, претседатели на клубови…
Според турските медиуми, утрово се приведени 35 лица поврзани со обложување на фудбалски натпревари, но засега не се откриваат нивните имиња, се вршат и претреси во нивните домови. Се очекува во текот на денот турската полиција да излезе со повеќе детали.
Се очекува голема казна за Метехан Балтаџи кој се сомничи дека се обложувал на натпревари на својот тим, а затоа е предвидена многу поголема санкција.
Во акцијата е опфатен и поранешниот претседател на Адана Демирспор, Мурат Санџак, кој заедно со уште неколку лица се сомничи за влијание врз натпревари во турските лиги.
Сопственикот на Анкараспор, Ахмет Окатан, претседателот Мехмет Емин Катипоглу и претседателот на Беледијеспор, Сахин Кају, заедно со двајца тренери, се сомничат дека влијаеле на резултатот од дуелот Анкараспор-Беледијеспор одигран во април минатата година. Дополнително, шест лица – меѓу нив и еден фудбалер – се приведени под сомнение за договорено влијание врз натпреварот Умранијеспор–Гиресунспор во 2023 година.