Сезоната се уште не ни почнала во полн ек, а притисокот врз тренерот Кочаман се зголемува од натпревар во натпревар. Навивачите на Фенербахче се разочарани од стартот на сезоната, натпреварот со Вардар ќе биде од исклучителна важност за клубот.
Фенербахче го помина Штурм во квалификациите од Лига Европа со победа од 2-1 во Австрија, на свој терен одигра само 1-1. Потоа следуваше кикс со Гецтепе 2-2, па пораз од Вардар од 2-0 и реми против Трабзон 2-2.
Кочаман нема среќа со голманите, Демирел киксираше во домашното првенство, а Камени против Вардар во Скопје, навивачите на Фенер се бесни и на двајцата. Но по очајната партија на искусниот Волкан Демирел против Трабзон, се очекува против македонскиот шампион повторно на голот да биде Камени.
Лошо игра и одбраната на Фенербахче која прими по два гола на секој од последните три натпревари. За Топал не е ни потребно да се трошат зборови, а ниту Шкртел не е на висината на задачата.
Проблем за Фенер е и нападот, Робин ван Перси се опорави од повредата, го почна мечот со Трабзон но одигра очајно прво полувреме по што беше заменет. Искусниот Холанѓанец имаше само шест допири со топката од кои едниот беше при почетниот удар на мечот.
Ван Перси е подготвен за игра, но реакциите кон него се жестоки и навивачите сметаат дека тој не треба да настапи против Вардар. Новото засилување Солдадо имаше минутажа и против Трабзон, но се уште чека на својот деби гол за Фенер.
Кочаман се надева дека неговите фудбалери ќе се покажат во едно поинакво светло во четврток и ќе го елиминираат Вардар со што психолошки ќе се крене тимот и ќе тргне кон нови победи во сезоната.
Но, Вардар треба да го искористи лошиот период на Фенербахче, четата на Јаневски ако го издржи првиот половина час без да прими гол, во продолжението ќе се зголеми притисокот врз домашните фудбалери а и турската публика со свирежи знае да го покаже своето незадоволство што дополнително ќе му одговара на македонскиот тим.
Вардар има голема шанса да дојде до историски успех и пласман во групната фаза од Лига Европа, но јасно е дека во Истанбул ќе има исклучително тешка битка против голем противник.