Пристигна добра вест од Прилеп: Победа регистрираше уште седум фудбалери!

by Стефан
2 минути читање

Екипата на Победа во последен момент обезбеди услови за продолжување на сезоната и настап во Втора македонска фудбалска лига. Иако ситуацијата изгледаше драматично, прилепчани успеаја да пријават 15 фудбалери за дуелот со Новаци, со што избегнаа службен пораз и сценарио кое можеше да значи згаснување на клубот.

Клучната поддршка пристигна од Општински фудбалски сојуз Прилеп, од каде што со официјално соопштение ја појаснија состојбата околу „прилепската гордост“. Дополнително охрабрување е тоа што се регистрирани или пререгистрирани уште седум играчи, кои ќе му бидат на располагање на тимот веќе во викендот кој следи.

„Во градот Прилеп една од најактуелните теми е ФК Победа и ситуацијата во која се наоѓаше клубот. Имено, во последен момент од страна на Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп, со претседателот Марјанчо Стојковски, се изнајдоа компромисни решенија. За екипата да настапува, навремено беа регистрирани играчи за да можат да настапат, и беа исполнети сите услови за клубот да учествува во 16. коло, за клубот да не згасне од фудбалската карта.

Големи се заслугите на ОФС Прилеп за организирањето и развојот на локалниот фубал и активно учествува во развојот на фудбалските активности во Прилеп, поддржувајќи клубови и организирајќи ресурси за нив. Во 2014 година е изграден теренот со вештачка трева со заслуги на ОФС Прилеп и претседателот, терен кој до ден-денеска 24/7 се користи за тренинзи и натпревари, каде услугите ги користат повеќе од 1.000 спортисти секојдневно. Во периодот на пандемијата со корона-вирусот тешко беше и за фудбалските екипи. Се соочуваа со материјални и финансиски проблеми. Затоа, ФФМ помогна до ОФС Прилеп, предводен од членот на УО во ФФМ, Марјанчо Стојковски – Манта. Излегоа во пресрет на сите, го помагаа спортот, кој во последно време на Македонија и ги донесе најголемите радости.

Опфатени се сите рангови – од највисокиот до најнискиот. Тука е и ФК Победа, со сите нејзини категории, женскиот клуб… Се донира на секој клуб од општинските лиги по 15.000 денари, како и опрема, топки… И за третолигашите истото. Пред сезоната на сите им олеснивме преку неплаѓање на котизацијата. Секоја натпреварувачка сезона екипите се потпомогнати со опрема и топки.

Од страна на Фудбалската федерација на Македонија и Општинскиот фудбалски сојуз на Прилеп на ФК Победа и се простени големи финансиски средства по основа на котизации, регистрација и членарина на фудбалерите“, стои во соопштението на ОФС Прилеп.

По драмата надвор од теренот, Победа сега се насочува кон обврските на зелениот терен. Во 17. коло од ВМФЛ, прилепчани ќе гостуваат кај ФК Саса во Македонска Каменица, со надеж дека стабилизацијата зад сцената ќе донесе и посакувани резултати на табелата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×