Низ медиумите од
Италија подолго време кружат гласини дека платите во Милан ќе бидат намалени,
планот на Иван Газидис е тие се движат помеѓу 1,5 и 2 милиони евра. Неколку
фудбалери заработуваат повеќе, најкритична е состојбата со Џиџо Донарума, кој
има примања од дури 6 милиони евра. Неговиот договор истекува во јуни 2021, па доколку
не го убедат да остане верен за помала плата, тој летоска ќе биде продаден.
Претседателот на „росонерите“,
Паоло Скарони ги потврди гласините за воведување на „селари кап“ но вели дека
исклучок може да се направи за Џиџо Донарума и Златан Ибрахимовиќ, кој исто
така заработува околу 6 милиони евра годишно.
„Намалување на
платите не е стратегија, туку е неопходност. Лудо сум вљубен во Џиџо Донарума и
Златан Ибрахимовиќ, па ако има исклучок од правилата, тоа би било за нив
двајца. Сепак, за ова треба да одлучи Иван Газидис“ – изјави Скарони во разговор со Кориере дела Сера.
За превирањата во
клубот кои се случуваа изминативе десетина дена по кои Звонимир Бобан доби
отказ, а се најавува и заминување на Паоло Малдини, претседателот на Милан вели: „Иван
Газидис е голем професионалец, убеден сум дека неговата напорна работа ќе донесе
плодови во иднина. Се надевам дека Паоло Малдини ќе остане“.
„Како бизнисмен,
морам да признам дека кога еден директор дава интервју, сите треба да се сложат.
Не може кој сака да излезе и слободно да говори, тоа создава додатна конфузија.
Сликата на клубот никој не смее да ја наруши“.