Изминатиот викенд Адис
Јаховиќ поради суспензија од жолти картони не беше во можност да му помогне на
Гезтепе во мечот против бранителот на титулата во турскиот Суперлигашки
шампионат, Бешикташ, кој си замина со победа од 1-3 на гостувањето во Измир.
Како и да е, ретко кој
очекуваше дека Гезтепе по долгогодишното враќање во елитата на Турција ќе
забележи учинок од 17 бода по 11 кола, а дека ќе го има и првиот стрелец во тој
шампионат во оваа фаза од сезоната.
Денеска низ тамошните
медиуми на големо се пренесе веста за интересот на Галатасарај за Македонецот,
за кого интерес претходно пријавија и ЦСКА Москва, Бешикташ и Анталијаспор, а
тој денес доби пофалби и од првиот човек на Гезтепе, Мехмет Сепил во интервјуто
за турската верзија на „Еуроспорт“.

„Јаховиќ е еден од
најдобрите фудбалери во Турција, чест и задоволство е за мене а воедно и клубот
што го имаме овој фудбалер во своите редови, најдоброто нешто што ни носи
резултати е фактот што тој всушност е многу добар тимски играч“ изјави Сепил,
но не откри ништо околу иднината на нашиот напаѓач, ако се земе во предвид дека
неговиот актуелен важечки договор со Гезтепе истекува идното лето.
Јаховиќ со 11 погодоци е
на делба на првото место на листата на стрелци во Суперлигата на Турција заедно
со Бафетимби Гомис од Галатасарај.
Извор: tr.eurosport.com