Пресврт во Јувентус, Влаховиќ ќе прифати договор со двојно пониска плата?

by 24 фудбал
1 минути читање

Се поизвесно е дека Душан Влаховиќ ќе остане во Јувентус и во наредниот период, пренесуваат италијанските медиуми. Српскиот напаѓач по пауза од речиси четири месеци повторно тренира со тимот и можно е да се врати на терен веќе в сабота на натпреварот против Удинезе.

Долгото закрепнување по операцијата на левиот адуктор во Лондон дополнително ги зближило Влаховиќ и клубот од Торино. Напаѓачот во ниеден момент не се почувствувал запоставен од Јувентус и сега поинаку гледа на својата иднина, па останувањето во клубот станува се пореална опција. Интерес за него претходно покажуваа Барселона и Баерн Минхен, но според последните информации и двата клуба во моментов се насочиле кон други напаѓачи.

Јувентус во меѓувреме планира реконструкција на нападот и идејата е таа да се гради токму околу српскиот голгетер. Дополнителен фактор е и тоа што тренерот Лучијано Спалети го гледа Влаховиќ како прва опција во нападот.

Разговори за нов договор веќе има, а Јувентус е подготвен да му понуди плата од околу 6 милиони евра годишно, односно до 7 милиони со бонуси. Се разгледува и пократок договор на една или две години, кој би им одговарал и на двете страни. Иако се работи за речиси половична плата од актуелната, делува дека Влаховиќ е подготвен за такво нешто.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×