По солидната сезона на резултатски план, Борнмут го отвори летниот преоден рок на импресивен начин со сериозна заработка и стратегија што веќе почнува да ги враќа вложувањата од минатите години.
Англискиот премиерлигаш досега продаде или договори четворица фудбалери, а вкупната сума која (ќе) ја инкасира клубот изнесува околу 180 милиони евра. Веќе се потврдени трансферите на Дин Хујсен во Реал Мадрид за 62 милиони евра и Џејдон Ентони во Барнли за 10 милиони. На излезна врата се и Милош Керкез, кој за 47 милиони евра треба да се пресели во Ливерпул, како и украинскиот дефанзивец Илја Забарњи, за кого ПСЖ е подготвен да плати 60 милиони евра.
Сепак, тука не завршува „летната распродажба“ на Борнмут. За Антоан Семенјо се борат неколку гиганти, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Тотнем, а англискиот клуб постави цена од 80 милиони евра. Ако и овој трансфер се реализира, вкупната сума што ќе ја собере Борнмут ќе надмине 250 милиони евра.
Ова, сепак, не е изненадување. Во последните три години Борнмут важеше за еден од најголемите потрошувачи на Островот. Во 2022 година потроши 83 милиони евра, во 2023 уште 130, а лани дури 135 милиони, вкупно речиси 350 милиони евра. Но сега, со сериозни приходи од продажба на играчи кои беа дел од тие инвестиции, Борнмут е на добар пат не само да си ги поврати вложувањата, туку и да оствари значителна добивка.