Премиерлигашите
ги разгледуваат сите можни опции за тоа по каква програма да се водат штом би
продолжиле со натпреварите, доколку се случи тоа секако, па медиумите на
Островот постојано известуваат за нешто ново во однос на опциите кои се
разгледуваат.
„Спортсмејл“
дознава дека Ливерпул, Манчестер Сити и Арсенал оваа седмица разговарале со
една германска компанија која се бави со технологија, а истата веќе развила
апликација со која се овозможува навивачите од своите домови да имаат четири
опции околу тоа каква „врева“ да пренесат на празните стадиони.
Апликацијата исто
така им дава можност на клубовите да користат различни нивоа на глас за
домашните, односно гостинските навивачи, што може да донесе голема ралика во
однос на главната цел која речиси сигурно ќе биде применета во Преиерлигата, а
тоа е да се игра на неутрални терени без публика, но, според ова, домашниот тим би имал предност во однос
на звуците кои би доаѓале од навивачите, што е сосема логично.
Се работи за
апликацијата „MyApplause“,
а истата ја тестирале веќе два клуба
од Бундеслигата, со што се разгледува можноста истата да се користи при
враќањето на германскиот фудбалски шампионат, кој исто така ќе продолжи без
публика, а компанијата „Hack-CARE“, која се наоѓа во
Минхен е близу до соработка со Премиерлигата.
Очекувањата се
клубовите да ја користат оваа опција бесплатно, но, како што пишува „Дејли Мејл“,
навивачите сево ова би ги чинело до една фунта за симнување на самата
апликација, без дополнителни трошоци, а навивачите кои би ја симнале
апликацијата ќе треба да селектираат кој натпревар би сакале да го проследат,
како и да одговорат на прашањето за која екипа навиваат.
Штом мечот би
започнал, корисниците би имале четири опции во случај да сакаат да учествуваат,
и тоа: да навиваат,
аплаудираат, пејат, односно упатуваат свирежи.
Веќе е познато
дека правата за натпреварите од Премиерлигата ги имаат „Скај Спортс“ и „БТ
Спорт“, а првата ТВ куќа има многу поголема бројка натпревари на своето конто
од другата, а како што известуваат на Островот, обете страни сериозно ја
разгледуваат можноста за атмосфера за време на натпреварите кои би се играле
пред празни трибини.