Разделбата меѓу Јувентус и Душан Влаховиќ на крајот од сезоната е речиси извесна, па во Торино веќе се насочени кон потрагата по нов напаѓач кој би ја пополнил празнината во нападот.
Според италијанскиот „Тутоспорт“, прва желба на „бјанконерите“ е францускиот голгетер Жан-Филип Матета. Наводно, скаутската служба на Јувентус за време на празниците престојувала во Англија, каде што бил воспоставен и почетен контакт со фудбалерот на Кристал палас, кој е подготвен да ја смени средината во летниот преоден рок.
Се шпекулира дека Матета би можел да биде достапен за сума од околу 25 милиони евра, што се смета за исклучително поволна цена за напаѓач од неговиот профил. Токму затоа, Јувентус нема да биде единствениот заинтересиран клуб, а како сериозна конкуренција се споменува и Манчестер јунајтед.
Иако сè уште нема конкретна понуда, во Торино јасно ја дефинирале целта и се очекува во наредниот период клубот да ги засили активностите околу пронаоѓањето и ангажманот на новата „деветка“.