Пред помалку од четири години играше во бугарската Втора лига, а денес во Премиер лигата само Халанд е поефикасен од него

by Стефан
2 минути читање

Дека во фудбалскиот свет за само три години можат драстично да се променат работите, најдобар доказ е бразилскиот напаѓач Игор Тиаго, кој во моментов е најголемиот хит во англиската Премиер-лига.

Единствено Ерлинг Халанд, кој игра во одлична форма и веќе има 19 погодоци сезонава во Премиер-лигата, е поефикасен од 24-годишниот Бразилец. Напаѓачот на Брентфорд прикажува фантастични настапи и е речиси незапирлив во дресот на лондонскиот клуб.

Сезонава Тиаго постигна 14 голови и речиси сам ги искачи „пчелките“ до седмата позиција на табелата, што претставува сензационален успех за еден ваков мал клуб во елитата.

Сепак, патот до највисоко ниво за овој голгетер не бил ниту малку лесен. Тиаго мораше да мине низ трнлив пат за да стане ѕвезда на Премиер-лигата, но успеа во тоа за релативно кратко време, а неговата приказна денес е вистинска инспирација. Колку и да звучи неверојатно, пред само три и пол години Игор Тиаго настапуваше во втората бугарска лига. Дури и елитата на бугарскиот фудбал во последните години не даде некои звучни имиња, а уште помалку тоа важи за второто ниво од натпреварувачката пирамида.

Бразилецот во 2022 година од матичниот Крузеиро се пресели во Европа, во редовите на Лудогорец, но со намера првично да настапува за вториот тим. Лудогорец 2 се натпреварува во Втората лига, каде што Тиаго одигра четири натпревари и постигна еден гол. Клубот брзо сфати за каков талент станува збор, па го прекомандува во првиот тим.

По само една година во сениорскиот состав, Тиаго направи трансфер во белгискиот Клуб Бриж, а Белгијците во летото 2024 година го продадоа за 33 милиони евра на Брентфорд каде што денес игра во најдобрата форма од кариерата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×