Пожар кој според информациите настанал од неисправна електрична инсталација избувнал утрово во домот на фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор.
За среќа во моментот на пожарот немало никој во домот на Бразилецот кој се наоѓа во урбаната населба Ла Моралеха во Алкобендас, јавува шпанска „Марка“. Огнот како што се пишува избувнал во спуштениот таван од сауната во подрумот.
Пријавата во пожарната била примена околу 11 часот, по што на местото веднаш пристигнале две противпожарни возила од станицата во Мадрид. Пожарникарите успеале да го стават пламенот под контрола и да ги проветрат зафатените простории.
Ќе потсетиме Винисус во овој период е со репрезентацијата на Бразил во Сеул каде што „Кариоките“ ќе одиграат два пријателски натпревари против Јужна Кореја (10 октомври) и Јапонија (14 октомври).