Повредата на Лаутаро Мартинез: Резултати од прегледите, кога ќе се врати и колку натпревари ќе пропушти

by bojan
1 минути читање

Интер утрово ги објави резултатите од деталните прегледи на Лаутаро Мартинез, напаѓачот го истегнал листот на левата нога и го чека пауза од неколку недели.

Поразот од Бодо/Глимнт во Лигата на шампиони не беше единствената главоболка за Кристијан Киву по гостувањето во Норвешка, се повреди и капитенот Лаутаро Мартинез.

Интер утрово ги објави резултатите од деталните прегледи и соопшти дека Аргентинецот го истегнал листот на левата нога.

„Нероаѕурите“ не соопштија колку е сериозно оштетувањето, само најавија дека за една недела ќе бидат направени нови тестови.

Но медиумите од Италија не очекуваат дека Лаутаро Мартинез ќе се врати на терените во брзо време и прогнозираат пауза од три до четири недели.

Се очекува тој со сигурност да го пропушти мечот против Лече во сабота, како и реваншот против Бодо/Глимнт, како и натпреварот против Џенова во Серија А, и првиот дуел против Комо во полуфиналето на Купот на Италија.

Под огромен прашалник ќе биде за градското дерби против Милан на 8. март, а доколку се покажат како точни црните прогнози, тој ќе го прескокне и евентуалното осминафинале во Лигата на шампиони, како и дуелот со Аталанта на средината од следниот месец.

Мечот помеѓу Фиорентина и Интер на 22. март се посочува како прва реална опција за негов кам-бек, а ова ќе ја отвори и вратата тој да добие повик од Аргентина за „Финалисима“ против Шпанија и пријателскиот натпревар против Катар.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×