Потресна објава на екс-фудбалер на Челси: Имам само уште неколку дена живот!

by Стефан
2 минути читање

Поранешниот член на академијата на Челси, Ламиш Мусонда, кој има 33 години, ја потресе фудбалската јавност со искрена и емотивна порака во која откри дека се соочува со тешка болест и дека неговата здравствена состојба е крајно сериозна.

Белгискиот фудбалер во лондонскиот гигант пристигна во 2012 година заедно со браќата Тика и Чарли, а во Челси помина две години како дел од младинските категории. Потоа се врати во Белгија и настапуваше за Мехелен, пред да ја продолжи кариерата во Шпанија, каде што ги носеше дресовите на Лагостера и Паламос. Во еден период играше и во Конго, во редовите на Мозембе.

Мусонда има и девет настапи за репрезентацијата на Белгија до 21 година, а фудбалската кариера официјално ја заврши во 2020 година.

Со објава на социјалните мрежи, тој откри дека не очекува уште долго да живее, потенцирајќи колку му биле тешки последните години.

 „Како што сфаќам дека ми останале само неколку дена, така сфаќам и дека имав многу луѓе покрај себе и секогаш ќе ги ценам спомените. Животот е тежок, но погледот е прекрасен. Низ годините ќе се соочите со подеми и падови и никој не може вистински да ја разбере болката низ која поминувате.

Последните две години ми беа особено тешки и исполнети со предизвици. Со голема тага објавувам дека се борам да го повратам здравјето. Тоа е причината зошто бев отсутен од социјалните мрежи. Морам да се соочам со факти,  моето здравје е критично и сега се борам за преживување. Вашата помош и молитви ќе ми значат многу во овој момент. Моето семејство и јас се бориме и нема да се откажам до последниот здив“

Имав среќа што имав убав живот и сè уште имам толку многу да понудам. Но, има толку многу прекрасни луѓе на кои би сакал лично да им се заблагодарам, а помислата дека можеби нема да добијам шанса за тоа длабоко ме растажува“, објави Мусонда.

Неговата исповед предизвика лавина од пораки за поддршка од фудбалери, навивачи и јавни личности, по што тој повторно се огласи со зборови на благодарност. Мусонда изрази надеж дека ќе биде запаметен не како човек што барал восхит, туку како личност која оставила искрен и човечки белег кај сите што ги сретнал.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×