„Газета дело Спорт“ објави интересен наслов и тема во последното свое издание. Непосредно пред мечот на сезоната за Наполи и дуелот со Интер в сабота, осамна вест дека Антонио Конте ќе остане на „Диего Армандо Марадона“ само една сезона.
Според најавите на „Газета“, Конте по крајот на сезоната ќе го напушти Наполи и ќе го преземе Милан. Италијанецот и претходното лето беше поврзуван со „росонерите“, ама не дојде до договор. Сега, баш пред дерби овој сериозен медиум објави информации кои можат да ја здрмаат соблекувалната на клубот од Неапол.
Обидите за дестабилизација во италијанскиот фудбал се редовна појава, особено пред важни натпревари. Поради тоа мора со резерва да се земе информацијата токму пред дербито кое може да го одреди понатамошниот тек на сезоната. Дел од италијанската јавност го обвини Интер, кој преку својот претседател Бепе Марота наводно ја „пуштил“ оваа приказна во медиумите пред дербито.
Сепак, постои и друга страна, а тоа е незадоволството на Антонио Конте. По доаѓањето на клупата тој не доби капитални засилувања, а покрај тоа во зимскиот преоден рок остана без својот најдобар играч Квича Кварацкелија кој беше продаден во ПСЖ. Во минатото се покажувало дека Конте има карактер и не сака да работи во клубови каде што не е дел од кроењето на трансфер плановите, па останува да видиме…