Гувернерот на
регионот Ломбардија во Италија, Атилио Фонтана тврди дека се уште има можност
да има гледачи на трибините за време на големото дерби во рамките на 26 коло од
„Серија А“ каде во Торино домаќинот Јувентус ќе ги одмери силите со Интер.
Италијанската
влада донесе одлука натпреварите да се играат зад затворени врати поради
ситуацијата со коронавирусот во таа земја, меѓутоа Фонтана открива дека
ситуацијата по тоа прашање би можела да се промени.
„Се надевам дека
од денеска постои надеж за враќање на нормалната ситуација, а потоа и самиот
јас ќе присуствувам на трибините за мечот помеѓу Јувентус и Интер“ вели тој во
изјава за „РТЛ 102.5.
„Ние ја
мониторираме ситуацијата, јас лично сум доста смирен, немам никакво сомневање
во позитивни сценарија кои доаѓаат, ние мораме внимателно да ја проследиме
ситуацијава, истото се однесува и на училиштата, прво ќе увидиме како стојат
работите во сабота, а потоа и ќе донесеме конечна одлука“ додава тој.
„Мораме да
разбереме дека во случај да постои тренд на паѓање на вирусот, а можеби и да
дојде до целосно згаснување, во ситуација да имаме позитивни резултати од
аспект на ова прашање, нашите консултанти, научници и здравствени институции
секако ќе ни дадат зелено светло за ублажување на мерките за претпазливост,
први сме за тоа да се редуцираат истите бидејќи прават голема штета на нашата
економија и спокојство на граѓаните“ заклучи Фонтана кој инаку се наоѓа во изолација поради заразата на еден од неговите соработници во кабинетот.