Британскиот „Сан“ објави детали за периодот кога Оле Гунар Солскјер бил индиректно саботиран во Манчестер Јунајтед, откако раководството постојано ставало вето на неговите желби на трансфер пазарот.
Иако не е директно именуван, јасно е дека главна улога во ваквата политика имал тогашниот извршен директор Ед Вудворд, човек близок до семејството Глејзер и еден од најнепопуларните ликови кај навивачите на клубот.
Според текстот, Солскјер сакал да ги донесе Ерлинг Халанд, Џуд Белингам и Деклан Рајс во период кога сите тројца биле млади и далеку поевтини. Клубот ги одбил овие опции, инсистирајќи на „готови решенија“, па наместо нив биле ангажирани Дони ван де Бек, Џејдон Санчо и Кристијано Роналдо.
Подоцна се покажа дека станува збор за сериозни промашувања. Ван де Бек и Санчо не ги оправдаа очекувањата и инвестициите, додека Роналдо си замина по контроверзното интервју и без освоен трофеј во вториот мандат. Во меѓувреме, Халанд и Белингам израснаа во светски ѕвезди, а Рајс стана еден од клучните играчи на Арсенал, што дополнително ја истакна лошата трансфер политика на Јунајтед во тој период.