Португалија со пресврт до победа над Германија и финале во Лигата на нации! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалската репрезентација на Португалија избори пласман во финалето на Лигата на нации, совладувајќи ја Германија со 1-2 на гостински терен во Минхен. Натпреварот на „Алијанц Арена“ не донесе голови во првото полувреме, а иако домаќините први поведоа, на крајот беа елиминирани.

Германија подобро го отвори натпреварот, создаде неколку шанси преку Горецка и Волтемаде, но Диого Кошта беше сигурен меѓу стативите. Првото полувреме мина без погодоци, а само што почна вториот дел, „панцерите“ стигнаа до водство.

Флориан Вирц реализираше во 48. минута по додавање од Кимих, излезе сам пред голот и прецизно заврши за 1-0. ВАР ја анализираше ситуацијата поради потенцијален офсајд на Волтемаде, но судијата Славко Винчиќ го призна голот.

Клучниот момент за Португалија беше тројната измена на Роберто Мартинез. На теренот влегоа Консеисао, Семедо и Витиња, кои донесоа свежина и иницираа целосен пресврт. Во 63. минута Франциско Консеисао со прекрасен удар од далечина погоди за 1-1, а пет минути подоцна Кристијано Роналдо ја заврши одличната акција во која учествуваа Фернандеш и асистентот Мендеш за 1-2.

До крајот на мечот Германија се обидуваше да се врати, но безуспешно. Најопасна шанса имаше Адејеми, чиј удар заврши во стативата. Резултатот остана непроменет, а Португалија заслужено замина во финалето.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×