Фудбалскиот клуб Престон Лајонс од Австралија вчера пристигна во Македонија, каде што ќе ја одработи својата мини-турнеја во рамките на подготовките за новата сезона во австралиското првенство.
По официјалниот прием кај министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, делегацијата на Престон имаше средба и со поранешниот селектор на Македонија, Игор Ангеловски.
Фотографија од средбата објави Ангеловски, кој додаде:
„На покана на стручното раководство на Престон Лајонс. Амбасадори на спортот и репрезенти на македонската заедница во Австралија. Ви посакувам пријатен престој во својата татковина Македонија“.

Престон Лајонс веќе потврдија дека ќе одиграат пријателски натпревари против Вардар на 23 септември во Скопје и против Пелистер два дена подоцна во Битола, а најавија и меч во Охрид, датумот и противникот за тој дуел дополнително треба да бидат потврдени.